Извештај – ПОДАЈ РАКА 2019

Во периодот од 02  до 07 јули 2019 во Кавадарци по седми пат се одржа еден од најголемите христијански хуманитарни проекти во рамките на Христијанската Адвентистичка црква. На проектот под мотото „ПОДАЈ РАКА“ и оваа година, како и сите други претходно, се собравме заедно, волонтери од цела Македонија и дел од соседните држави (Србија, Бугарија)  за да им помогнеме на нашите сограѓани во Кавадарци, да придонесеме за разубавување на нашиот град, а пред се да го прославиме Бога секој со своите дарови и способности, а притоа имавме и семинар којшто придонесе за духовно издигнување на младите волонтери.

Учесници

На овој настан активно учество зедоа околу 60-тина млади волонтери од  Македонија, Србија, Бугарија и Романија кои активно работеа и придонесоа за уште една успешна ПОДАЈ РАКА. 

Активности

Во рамките на настанот „ПОДАЈ РАКА!“ беа опфатени повеќе активности кои беа извршувани во текот на денот, од страна на учесниците кои беа поделени на неколку групи. Во продолжение погледнете кои активности беа извршувани во текот на овогодинешната Подај Рака.

  • Промотери (колпортери) на духовна и здравствена литература – беа поставени штандови со литература во центарот на градот, а дел од волонтерите продаваат и делеа духовна и здравствена литература по улиците на градот. Волонтерите и оваа година со задоволство учествуваа во оваа активност.  Во текот на целиот настан беа продадени околу 100  книги и беа поделени поголем број на бесплатни книги и трактати.
  • Здравствени штандови – Годинава се грижевме и за здравјето на нашите сограѓани. Во текот на настанот направивме околу 200 проверки на гликемија во крвта, и над 200 проверки на крвен притисок. Нашите сограѓани исто така имаа можност да добијат и бесплатни совети од нутриционист, во согласност со резултатите од мерењата кои ги извршивме.
  • Помош на социјално загрозени семејства – во соработка со хуманитарното здружение “ВИСТИНСКИ ДЕЛА НА ЉУБЕЗНОСТ”

Во склоп на овогодинешната Подај Рака, беа посетени околу 46 социјално загрозени семејства во Кавадарци, и околината на Кавадарци, на кои им беа донирани 470 кг храна, 178кг облека, 105кг хигиенски средства и останата помош во форма на мебел и апарати за домаќинство.

  • Креативна работилница – Волонтерите помогнаа во украсување на 200 книги и изработка на 200 маркери со библиски стихови, изработка на 200 мотивирачки пораки, и 100 мусли барови со прикачен мотивирачки библиски стих. Сите изработки им беа подарени на граѓаните на град Кавадарци, со цел да им го разубават денот.
  • Семинар – Во рамките на „ПОДАЈ РАКА“ беше одржан  семинар којшто придонесе за духовно издигнување на младите волонтери, а беше под наслов „Чиј е мојот живот? – Борба за човековиот ум“. Овој семинар го одржа говорникот Владо Хавран од Србија.
  • Хуманитарен концерт – На 06.07.2019, на градскиот плоштад во Кавадарци беше одржан хуманитарен концерт на кој граѓаните можеа да донираат парични средства потребни за лекување на Дејан Најдовски. За само час и половина беа собрани околу 61000 денари кои подоцна му беа предадени на семејството на Дејан. Голема благодарност до музичката група Весник од Србија, кои овозможија реализација на овој хуманитарен концерт на духовна христијанска музика.
  • Реновирање и белење на домови на социјално загрозени семејства

Овогодинешниот настан Подај Рака беше збогатен со уште една активност, во која беа опфатени три домови на социјално загрозени семејства. Едниот дом беше реновиран и беа заменети старите и оштетени прозор и врата, а останатите два дома без исчистени и варосани. Им благодариме на сите волонтери кои ги направија домовите на овие семејства подобри места за живеење.

Во саботата имавме заедничко свечено богослужение на кое имавме гости од цела Македонија. На ова богослужение волонтерите од Подај Рака ги изнесоа искуствата кои ги стекнаа за време на активностите во кои учествуваа. Исто така за време на претпладневното богослужение завет со Бога по пат на библиско крштевање сторија две млади личности (од Скопје и од Струмица).

Му благодариме на Бога за водството, а и на сите кои учестуваа со своите молитви, финанскиски средства и одвоено време за да имаме уште една успешна Подај Рака.

Се гледаме на ПОДАЈ РАКА 2020