Во периодот од 15 до 20 август во Кавадарци се одржа семинар за млади кој беше проследен со низа активности. Учесниците на овој семинар пристигнаа во среда. По пристигнувањето имаше специјална програма со цел младите подобро да се запознаат едни со други.

Активностите започнаа во четврток во 9 и 30 се до 12 и 30, кога една група од учесниците во проектот беа задолжени за чистење на паркот во Ваташа, додека другата група учествуваше во активности на градскиот плоштад.

На градскиот плоштад граѓаните имаа можност да напишат еко-порака, да фрлат отпадок во корпа и за тоа да добијат овошје, да погледнат како од отпадокот може да се направат некои интересни работи, т.е. како на отпадот да му се даде втора шанса. Исто така една група вршеше анкети со цел да се види како граѓаните размислуваат на тема “екологија“. Истите активности се одвиваа и наредниот ден, со замена на групите. Од 17 до 19 часот во просториите на црквата се одржуваше семинар со актуелни теми за младите.

Во саботата имавме заедничко Богослужение со верниците од Кавадарци и со гостите кои не посетија, а во вечерните часови дружење. Во недела учесниците имаа можност да ги посетат лицата од домот за стари во Неготино, а потоа и да поминат некое време во дружење на излет на излетничкото место 12 другари, а вечерта ја поминавме во дружење и игри.

За жал овие 5 дена брзо ни поминаа и дојдовме до самиот крај на овој настан, кога требаше да ги испратиме нашите гости по своите домови со надеж дека повторно ќе се видиме на некој друг настан.