Во периодот од 5 до 10 август 2014 година во Кавадарци по третпат се одржа хуманитарниот проектот ПОДАЈ РАКА. Годинава проектот имаше за цел да ги здружи младите заедно, за да им помогнат на различни категории граѓани, и воедно да ја зацврсти нивната врска со Бога преку семинарот и малите групи кои се одржуваа во просториите на црквата. Во овој проект беа вклучени околу 35 учесници од цела Македонија, како и неколку гости од Србија.

Утринско богослужение: Во рамките на овој проект секое утро се одржуваше утринско богослужение кое беше проследено со кратка духовна порака и неколку духовни песни.

Агапе вечер: Во петокот пак беше организирана „Агапе вечер“, проследена исто така со духовна порака и духовна музика

Активности: Како и претходните години проектот беше проследен со низа активности кои се одржуваа во текот на денот во периодот од 9:30 до 12:30 ч.:
1. Посета на старски дом. Група од 15-тина учесници, во четвртокот ги посети луѓето од старскиот дом „Жана“, во Неготино. Програмата со која се претставија учесниците на проектот Подај Рака беше составена од неколку духовни песни и кратка порака од говорникот на семинарот Иван Поповиќ.
2. Посета на Брза помош, Противпожарна бригада и Центар за социјална грижа. Во средата беа посетени горенаведените институции и воедно им беа однесени колачи во знак на благодарност за нивната служба.
3. Посета на социјално загрозени семејства и носење пакети со храна и облека.
Во текот на средата, четвртокот и петокот од страна на тимот на Вистински Дела на Љубезност заедно со волонтерите на Подај Рака беа посетени околу 32 социјално загрозени семејства на кои им беше доделена помош во вид на облека и храна.
4. Здравствени штандови. Во текот на средата, четвртокот и петокот беа организирани здравствени штандови, лоцирани на градскиот плоштад, кои нудеа мерење на крвен притисок и шеќер во крвта, дегустација на здрава храна и тестови за биолошки век и стил на живот. Со помош на овие штандови се оствари контакт со околу 180 граѓани кои би сакале да бидат вклучени во здравствените клубови за кои е планирано да почнат со работа од ноември 2014 година.
5. Колпортирање. Во текот на средата, четвртокот, петокот и неделата дел од младите делеа духовна литература на паркот и во центарот на градот, со цел проповедање на Евангелието.
6. Делење храна на социјално загрозени семејства. Во саботата и неделата учесниците во проектот Подај Рака заедно со учесниците во проектот Вистински дела на љубезност на социјално загрозените семејства им поделија оброк, којшто предходно беше подготвен во просториите на Христијанската адвентистичка црква во Кавадарци.
Семинар: Покрај активностите, секој ден во периодот од 17 до 18:20 во просториите на
црквата беше организиран и семинар на тема Повеќе губам кога не… на кој говорник беше Иван
Поповиќ.
Саботно богослужение: Во саботата беше организирано заедничко богослужение на кои
присуствуваа и доста гости од Македонија, а по богослужението следуваше заеднички ручек
и прошетка во паркот.
Излет: Во неделата традиционално беше организиран излет на излетничкото место „12
другари“.
На крај, се разбира, ќе им се заблагодариме на сите оние кои несебично го поддржаа
овој проект и на сите оние кои неуморно работеа за сите планови да се реализираат. Голема
благодарност и до личностите задолжени за подготовна на храна на проектот ПОДАЈ РАКА.
И најголема благодарност до Бога за тоа што ни овозможи и оваа година зад себе да оставиме еден убав спомен на коштој долго ќе се сеќаваме.
Завршни зборови: Овој проект за сите учесници претставуваше едно позитивно искуство, имаа можност да учествуваат во овие активности, да се дружат со млади од цела Македонија, и да го збогатат своето духовно знаење.